АМБАСАДА НА УКРАИНА
Русија продолжува со ракетните напади врз Украина, предизвикувајќи голема штета на украинската критична цивилна инфраструктура. Само денеска наутро Русија истрела над 50 проектили врз цели низ Украина, предизвикувајќи прекини на струјата, во снабдувањето со топлина и вода, влошувајќи ја и онака тешката хуманитарна состојба.
Голем дел од енергетските капацитети на Украина се оштетени или уништени од руските ракетни напади и ударите со беспилотни летала во изминатите недели. Регистрирани се оштетувања или уништување на 5.128 водоводни и електрични мрежи. Последните ракетни напади оставија повеќе од еден милион жители на Кијив без струја и вода.
Украина побара неопходна опрема од сојузниците за да ја надомести штетата предизвикана на нејзиниот енергетски систем и да им обезбеди на луѓето основни потреби пред почетокот на зимскиот период и ниските температури.
Украина ќе ги санира сите оштетени и уништени критични инфраструктурни објекти, и дополнително ќе ја ослободи својата територија од руската окупација. Рускиот ракетен терор нема ниту една шанса да ја наруши решителноста на Украина или нејзините партнери.
Според последната анкета, 86 отсто од Украинците веруваат дека ослободувањето на времено окупираните територии мора да продолжи дури и ако Русија ги интензивира нападите во зимската сезона.
Намерните и насочени напади на Русија врз критичната енергетска инфраструктура во Украина претставуваат воени злосторства за кои секако ќе бараме одговорност од Москва. Тие се исто така дел од рускиот геноцид врз Украинците, бидејќи имаат за цел да создадат неподносливи услови за живот на луѓето.