Шест нови случаи на заболени од морбили биле регистрирани во текот на вчерашниот ден, откако биле хоспитализирани на инфективната клиника.
Во моментов има 20 болни од морбили, од кои 18 деца и двајца возрасни, соопшти Министерството за здравство.
Министерот Венко Филипче, кој се најде на мета на социјалните мрежи откако објави слика од вакцинирање на неговата внука, за 1ТВ вели дека вообичаено не коментира фејсбук објави, бидејќи смета дека шпекулациите дополнително ја поткопуваат довербата и одат на штета на јавното здравје.
„Точно дека Илина е премала за МРП вакцината, затоа оваа вакцина ја прими во нога. Намерата ми беше да докажам со личен пример дека имунизацијата е безбедна и дека е многу важна за здравјето на сите граѓани“ – рече Филипче.
Меѓутоа револтот на социјалните мрежи по појавата и експресното ширење на морбили и натаму не стивнува. Дополнителни сомнежи се отворија по податоците на Државниот завод за ревизија кој низ неколку здравствени домови во земјава откри 635 кутии МРП вакцини со декларации со поминат рок. Тие ќе бидат повлечени, но се уште нема информација дали биле пронајдени уште такви вакцини во другите градови, иако за денеска Министерството најавуваше повеќе податоци.
Сите вакцини на кои имаше декларации со истечен рок се од нивниот оригинален производител – фирмата Глаксо Смит Клајн. Тоа го потврдија самите претставници на оваа компанија на средбата во Министерството за здравство без да кажат дали има повеќе од досега утврдените 635 кутии вакцини со декларации на кои стои дека се со истече рок на употреба.
Најголем број случаи до сега се регистрирани во населбата Аеродром-Ново Лисиче, за кои денеска ќе се потврди или отфрли дијагнозата на морбили. Сепак, сите ново примени пациенти имаат клиничка слика на пациенти заболени од мали сипаници.
Министерот Венко Филипче, вели дека родителите кои не сакаат да ги вакцинираат нивните деца имаат погрешно мислење, оформено врз основа на неточните информации. Објаснува дека за овие родители е предвидена казна и дека се изготвуваат нови закони за институционално решавање на овој проблем. Филипче додаде дека само со добра програма за вакцинирање можат да се избегнат болестите, па затоа ќе настојува за усвојување на овие промени.
Иако се уште не се знае дали зимскиот распуст ќе биде продолжен поради прогласената епидемија, Министерството за здравство најавува дека по почетокот на учебната година ќе биде спроведена теренска вакцинација низ училиштата.
М. И.