Жаклина Просароска од МВР на панелот на ЦИВИЛ „Безбедноста и реформите во полицијата“, се осврна на потребата на реформите во полицијата, во однос на промените во различни домени во општеството.
„Панелот го отвораме на едно оперативно ниво, затоа што кога зборуваме за полиција, мора да се има предвид пред се сложеноста која ја има полициската организација, големиот број надлежности кои ги има полицијата, мандатот на полицијата на државата, односно, мандатот да употреби легитимна присилба во рамките на дозволените законски овластувања, а притоа да биде еден од основните гаранти за заштита на човековите права и слободи на граѓаните, или ако сакате да го обезбеди амбиентот за практикување на човековите права и слободи.
Така поставен балансот на реформи, секогаш го има во предвид тоа што значи полициска професија, постојано ставена на линија помеѓу тоа што е прифатливо и неприфатливо, што е осудувано од граѓаните, а што е очекувано од постапката на полицијата, и кога се прават реформите, веројатно треба да се има предвид и целата комплексност на полициската организација. Гледано од аспект на полициски службеник и полициски советник, којшто ги поставува прашањата на едно малку по стратешко ниво, јас велам дека реформите во полицијата ги детерминира потребата за промена на методологија на работа, којашто произлегува од промената на законските регулативи, промената на националното законодавство и потребата методологијата да се адаптира на современите потреби. Појавата на нови појавни облици на криминалитет, етиологијата и феноменологијата на криминалитетот којшто постојано се менува, и којшто ги надминува границите на тоа дека на една годишна основа, Министерството ги поставува истите приоритети. Не, приоритетите се менуваат во зависност од промените што се случуваат во појавните форми на криминалитет, демографските карактеристики на населението, миграциите коишто се случуваат, исто така предизвикуваат потреба од менување на полицијата од аспект на организација…“, вели Просароска.
Д. Тахири
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети