Одлично почна денот.
Одлично поминавме и на вчерашниот прв ден на ЦИВИЛ ФЕСТ.


Рано излегов да го прошетам Перо за да се изнадишеме чист воздух, а и да се одморам од сонот, кој не ми измори толку многу, но, сепак. Одмор си е одмор.
По саат време акање низ Скопје се вратив дома со кучето.
На брзина го коригирав текстот кој синоќа го напишав за денес, се облеков и се упатив кон МКЦ на вториот ден на ЦИВИЛ ФЕСТ. Тука веќе беа сите. Џабир почна со доделувањето на наградите. Се наредија сите кои беа добитници. Прекрасни луѓе. Прекрасни активисти. Прекрасна атмосфера. Сите теми беа одлични. Беа раскажани преку една или повеќе фотографии. Баш беше се’ прикажано онака како што не треба, не смее да биде во животот.
Дехран ја доби првата награда. Неговата тема беше за тоа што ромите во Битола во населбата Баир, односно еден дел од населбата Баир немаат вода за пиење. Повторувам со големи букви: НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ. Ужас над ужасите. Дури и над тоа. Темата навистина беше шокантна. На себе не можев да си дојдам од фактот дека во 21 век и тоа во Македонија, во земјата во која сите ние живееме постои населено место во кое нема вода за пиење. Не можев да додржам и излегов да се излуфтирам.
„Каде бе?“ довика Маја од балконот.
„Ќе одам да се прошетам“ и’ реков.
„Склопи некоја прича узпут“ ми рече.
Се изнасмеавме.
Шетав не многу долго. По кратко седнав во едно кафанче близу МКЦ. Таман се излуфтирав од чистиот воздух кој ме „среди“ од приказната на Дехран. А и сакав да бидам сам. Барем на кратко.
Во кафанчево немаше некоја особена гужва. Двајца типови седеа на маса и разговараа за прослава за нова година од фирма. ‘Зар уште постои ова’ се прашав. Порачав пијачка и се опуштив. Не сакав, но и немаше како а да не го слушнам разговорот меѓу двајцата колеги.
„Ќе идеме у кафана“ рече едниот.
„У која бе?“ праша другиот.
„Неам поима“ рече првиот.
„Добро. Ќе дае попуст“ праша вториот.
„Попуст?“
„Да бе брат.“
„Ти одиш на работа?“
„Одам бе шо ти е?“
„На попуст работиш на работа? Односно на крајот на месецот му даваш личен попуст на газдава наш да се части со блиските на твоја сметка на некое друго место или се тепаш за повишување?“
„Ех, сеа, не е исто човече“
„Е па како е? Што не е исто? Тој кај што сега ти кажувам дека треба да одиме на прослава на нова година зема плата од кафаната во која работи на крајот од месецот. Во меѓувреме плаќа пијалоци да ги продаде за да заработи. Еве колку е просто. Зошто одма се има ставот дека кога се оди во кафана како по задолжение треба да се јаде и пие со попуст или пак некој, односно сопственикот треба да части.“
„Не, види, не е мојот став таков …“
„ … а каков е? За мене тоа е понижувачки. Прво да бараш некој да те части во кафана, ако при тоа самиот не ти се понуди за нешто такво во најмала рака е сељчки. Второ, понижувачки е и ако те части постојано. Значи одиш кај него за да пиеш без пари. Разбирам еднаш. Ајде и два пати. Но, постојано да одиш таму за да пиеш без пари, е тоа е како да ти кажам. Понижувачки е и очајно и за него, а и за тебе. Зошто треба да те части? За да те натера да доаѓаш кај него во кафана и да му правиш гужва, а при тоа да плаќа нешто кое што ти ќе го конзумираш или на попуст или без пари? Па брука е бе брат тоа. Брука е. Мене ми е брука“.
Стана, плати и замина нервозен. Јас останав со наведната глава, ја допив пијачката и си заминав. Се вратив во МКЦ.
На влез Маја ме праша:
„Имаш текст за човековите права?“
„Не“ и’ реков. „Имам текст за човековата неправда“
„Каква човечка неправда?“
„Таква. За гагаџии. Некој ќе крпи крај со крај за да го истера месецот, а некој ќе сака и тоа што му останува малку за да си ги почести дечињата да му го земе без око да му трепне.“
„Одлично, пуштај да го објавиме“.












