Илјадници луѓе се собраа денеска во 13 часот во Скопје, за да побараат „суштинска правда“ на крајот од судењето за воени злосторства на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во Специјализираниот суд на Косово во Хаг.
Тие се собраа на плоштадот Скендербег во Скопјe, среде извици „ОВК, ОВК“ и мавтање со албански национални знамиња и знамиња на ОВК.
Целта на протестниот марш, свикан од воените ветерани на ОВК, беше да се изрази незадоволство од судењето на нејзините поранешни лидери, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, во Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими започна во 2023 година и се очекува да заврши на почетокот на следната година.
Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото пред и за време на војната 1998-1999 година.
Хисни Гуцати, претседател на Организацијата на воени ветерани на ОВК, рече дека денес „се собравме тука за да го кренеме нашиот глас“ и да побараме „вистинска правда“ за поранешните лидери на ОВК.
„Денес, со толку голем број луѓе… ѝ покажуваме на Трендафилова дека Ослободителната војска на Косово потекнува, е родена и дејствува од народот“, рече Гуцати, осврнувајќи се на Екатерина Трендафилова, претседателка на Специјализираните совети на Косово во холандскиот град.
Тој додаде дека ОВК „пораснала и била штитена од народот, а денес народот стои зад неа. Денес бараме правда. Овој суд наликува на судовите во Србија и се занимава со фалсификувани и измислени факти, кои не стојат“.
На протестниот марш учествуваа лидерот на Демократската унија за интеграција од Северна Македонија, Али Ахмети, како и политичарите од Косово, Фатмир Лимај и Даут Харадинај.
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, претходно неделава изјави дека нема да го поддржи протестот, но објави дека е формиран кризен штаб за следење на целиот тек на митингот 24 часа пред и по него. Протестниот марш го поддржа градоначалникот на Чаир, Изет Меџити од ВЛЕН, партнер во владината коалиција на Мицкоски.
Протестниот марш помина без инциденти и под строг полициски надзор.
Овој протестен марш е последен од низата што се одржаа во текот на годината во Приштина, Тирана, Хаг и Стразбур.
Д. Т.













































