Денешниот протест пред цементарница УСЈЕ, кој го организираа активисти од здружението „За чист воздух“, започна со едноминутен молк за настраданите од загадувањето, а заврши со доделување пехар за трујач на годината. Пехарот беше наменет за генералниот директор Борис Хрисафов, кој од присутните беше посочен како најголем виновник за, како што рекоа, труењето со отпад кој се гори во печките на цементарница.
За време на протестот блокиран беше влезот во УСЈЕ, а барањата на демонстрантите беа да се забрани употреба на каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина и Хемискиот факултет.
– Не е проблемот само во РДФ-от, не е проблем само во петрол коксот и во другите горива кои што загадуваат, најголемиот проблем е во корупцијата. Политичарите се во корелација со бизнисмените и олигарските кои што не трујат, за поевтино гориво, за поголем профит. Ние денеска го дишеме нивниот профит. Бараме нов пристап во работењето на целокупната индустрија. Во Македонија има 150 А инсталации, и преку 500 инсталации кои имаат Б интегрирана дозвола. Тоа е една голема маса на загадувачи. Ние бараме итна имплементација на европските директиви кои што ги регулираат сите индустрии во Република Македонија. Со тие директиви се регулира начинот на мониторирање на инсталациите, транспарентноста, автоматските мониторинзи, вршењето на инспекциски надзор, итн – рече Тони Никушевски од здружението „За чист воздух“.
Директорот на УСЈЕ ги пречека демонстрантите. Тој, и покрај непријателските скандирања, им порача дека се на иста страна.
– Многу ми е драго што постои организација што се грижи за чистиот воздух во Македонија. Вие сте се собрале затоа што се грижите за истото за кое се грижиме и ние. Тоа е чистиот воздух. И затоа и ние се трудиме да бидеме најдобри, колку што можеме. Мислам дека и го докажуваме тоа со многу факти. Ние сме компанија која во Скопје е прва која има А интегрирана дозвола. Ние потрошивме повеќе од 70 милиони евра за да ја добиеме таа дозвола. Сите мерења на емисиите докажуваат дека Цементарница УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град. Континуираните 24-часовни независни мерења, врз кои немаме можност да влијаеме, покажуваат дека емисиите на Цементарница се постојано под, а во делови и неколкукратно пониски од законски дозволените вредности – рече Хрисафов.
Претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац, рече дека доведено е во прашање правото на детето за чист воздух.
– Во Македонија доведено е во опасност правото на живот на децата, кое е загарантирано со Конвенцијата за правата на детето и со Уставот. Децата имаат право на чист воздух, секое второ дете се лекува од респираторни болести, како последица од загадениот воздух, рече Змијанац.
Од здружението за чист воздух прашуваат зошто камионите кои пренесуваат отпад се вратени од Бугарија, поради неисполонувањето на критериумите, а се пуштаат да влезат на територија на Македонија. Зарем во Македонија не важат истите услови при увоз на отпад.
преземено од Слободен печат