Стотина јужнокорејски конзервативни активисти протестираат во близина на пограничното село Панмунџом, каде се одржува средбата на претседателот на Јужна Кореја Мун Џае-ин со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Активистите запалија и две хартиени севернокорејски знамиња, на кои имаше слики од Ким, неговиот татко и дедо.
– Поднеси оставка Мун Џае-ин, извикуваа демонстрантите.
Во првиот круг разговори Мун И Ким разговараа за денуклеаризација и за постигнување на траен мир на Корејскиот Полуостров.
– Двајцата лидери имаа искрен и едноставен дијалог за денуклеаризацијата и воспоставување на траен мир на Корејскиот Полуостров и развивање на билатералните односи, посочи портпаролот на Мун, Јун Јунг-џан.
Тој наведе и дека сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, која е дел од делегацијата на Северна Кореја, предложила да се забрза обединувањето на двете Кореи, додека Мун предложил двете земји да се поврзат со железничка линија.
– Претседателот Мун истакна дека тоа (железничката линија) ќе придонесе за економската соработка меѓу двете земји, наведе Јун.
Проектот за железничко поврзување на двете земји е разгледуван и претходно, при што е предвидено корејската железница да биде поврзани и со Транссибирската линија.
Извор: МИА