ЦИВИЛ одржа два целодневни настани „Перспективи 2018“ (#Перспективи2018) на 22 и 25 декември на која учествуваа повеќе јавни личности, професори и истакнати активистки и активисти. Тимот на ЦИВИЛ Медиа направи кратки видео разговори со секој од учесниците во кои тие говореа за нивните проекции за годината пред нас. Во тие два дена, ЦИВИЛ направи извонредно интересни видео содржини чие објавување се очекува во текот на јануари, 2018 година.
Се работи за видео материјал кој опфаќа низа различни аспекти на политичките и општествените процеси во земјава, корисна видео лектира за сите засегнати и свесни граѓанки и граѓани, но уште повеќе за носителите на одлуки во институциите на централно и локално ниво. Се говореше за човековите права, демократските трансформации и реформи, развојот, владеењето на правото, политичките процеси, екологијата, културата… Меѓу говорниците се Мирјана Најчевска, Светомир Шкариќ, Осман Кадриу, Харалд Шенкер, Јасмина Голубовска, Гордана Дувњак, Сашо Орданоски и низа други личности од кои јавноста ќе има можност да дознае нови работи и да ги погледне перспективите на Македонија од еден поинаков агол, без пардон.
Освен специјалните содржини, во текот на тие денови, тимовите на ЦИВИЛ продолжија со редовната работа на проектите и со продукција на медиумски содржини. Притоа, организацијата беше отворена за разговори со заинтересираните граѓанки и граѓани кои можеа да дојдат во хотел Сити Парк и одблиску да се запознаат со работата на ЦИВИЛите во текот на целиот работен ден. Експериментот, со други зборови, успеа, што значи дека и во иднина ќе се одржуваат вакви настани. Во секој случај, седиштето на организацијата, како и секогаш, останува максимално отворено за медиумите, невладините и граѓанките и граѓаните.
Настаните беа дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Поврзани текстови:
„Перспективи 2018“ за демократизација на општеството (20/12/2017)
Започна целодневниот настан „Перспективи 2018“ отворен за медиумите и граѓан(к)ите (22/12/2017)
ЦИВИЛ со отворени „Перспективи 2018“ и денеска (25/12/2017)