Европската унија и Израел денеска одржаа разговори на високо ниво првпат по една деценија, а Европејците побараа од израелскиот премиер Јаир Лапид да се обиде да го реши конфликтот со Палестинците според моделот „две држави“, јавија западните медиуми.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ја поздрави неодамнешната поддршка на Лапид за можен крај на конфликтот врз основа на тоа Израелците и Палестинците да живеат во мир едни покрај други.
Ние се залагаме за продолжување на политичкиот процес што може да доведе до решение засновано на моделот „две држави“, истакна Борел, додавајќи дека е неопходно да се истражи како тоа може да се спроведе во пракса.
Подобро е да разговараме искрено, дури и ако не се согласуваме, отколку да избегнуваме каков било контакт, нагласи шефот на европската дипломатија.
Се додава дека на состанокот што во Брисел го водеше израелскиот министер за разузнавање Елазар Штерн, Борел ја потенцирал загриженоста на ЕУ „поради продолжувањето на тензиите и насилството на теренот и натамошните еднострани мерки, како што се, на пример, проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и на други места“.
Лапид ја поздрави средбата и посочи дека таа е важна пресвртница во однос на подобрување на односите.
Изминатата година забележан е голем напредок во нашите врски и можеме да направиме многу повеќе, рече тој.
Медиумите потсетуваат дека во 1995 година беше првпат Израел и ЕУ да потпишат Договор за асоцијација со кој се регулираат нивните односи, а пактот стапи во сила во 2000 година.
Се истакнува дека разговорите требаше да се одржуваат секоја година, но Израел го откажа планираниот состанок во 2013 година поради политиката на ЕУ кон израелските населби и оттогаш некои европски земји одбиваат да се сретнат со израелските официјални претставници.