Откако граѓаните и граѓанките кои ја поддржуваат иницијативата #ПрвоКафеКај, денеска не успеаја да остварат средба со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, најавуваат дека утре, во 9 часот, повторно ќе се обидат да го испијат утринското кафе со неа.
„Сакаме да разговараме со градоначалничката за да и ги пренесеме нашите впечатоци во врска со тоа како Општината се справува со загадувањето на воздухот и со други големи еколошки прашања кои ги има во Кисела Вода, како депонијата на ОХИС, загадувањето на почвата , урбанизацијата… Исто така, не интересира нејзината подготвеност да се вклучи во широк форум, заедно со сите други чинители во општеството, за конечно решавање на проблемите. Наместо секоја година само да констатираме дека стостојбата ни е ужасна и дека, кај и да е, сите ќе завршиме во некоја од клиниките“, вели Јане Димески, еден од граѓаните кои ја покренаа оваа иницијатива, во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
Претходно, иницијативата #ПрвоКафеКај ги посети градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски, на Општина Центар – Андреј Жерновски, на Општина Аеродром – Ивица Коневски и на Карпош – Стевчо Јакимоски.