“Денот кога јавноста ја потресе информацијата дека на плоштадот во Скопје, е убиено дете, за кого подоцна дознавме дека е Мартин Нешковски, Радио МОФ почна да го добива својот лик, и почна да работи во форма во која и денес работи, а тоа беше четири месеци по формирањето на радиото”, вели координаторот на Радио МОФ, Стефан Алексиќво разговор за ЦИВИЛ Медиа, по повод пет години од создавањето на Радио МОФ, медиум кој е станица за промоција на младинската, културната и креативната заедница.
“Во изминатите пет години, Радио МОФ не пропушташе протести, комбиниравме аудио и видео содржини, отстапивме простор на сите заедници кои се заборавени од мeјнстрим медиумите, како и креирање на содржини на теми, кои сѐ уште се табу во нашето општество и за кои голем дел од медиумите се плашат да пишуваат, како што се легализација на марихуаната, истражувачки стории за условите во студентските домови итн.”, потсетува Алексиќ.
Според координаторот на Радио МОФ, изминатите пет години беа доволно време да се научи од грешките, па во следниот период ќе работат на истиот принцип, но со повеќе искуство и со поголема екипа. “Во иднина планираме цела наша содржина да биде уникатна, создадена од нашите новинари”, истакнува Алексиќ, зборувајќи за плановите на Радио МОФ, за следната петолетка.
Прославата по овој повод започнува вечерва во 21 часот, во Кино Култура. Најавен е настап на Reggaesaurus Geto Rudi, Pineapple Express, (Ivana Nizamovska & Petar Antevski), JUNE (ЏУН), Puk’kah & D.Lite (D2) The Rituals Show и B!Zarre (Zarko Nastoski).
Марија Теговска