Рускиот претседател Владимир Путин ја покани Украина да учествува во „директни разговори“ на 15 мај, во Истанбул, неколку часа откако европските лидери ја повикаа Москва да се согласи на 30-дневен прекин на огнот, пренесе ББС.
Во ретко телевизиско обраќање доцна во ноќта од Кремљ, Путин рече дека Русија бара „сериозни преговори“ со цел „движење кон траен, силен мир“.
„Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година, да продолжат со директните преговори, без никакви предуслови. Предлагаме без одложување тие да започнат во четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што претходно се одржаа и каде што беа прекинати“, рече синоќа Путин на прес-конференција.
Како што посочи, тој лично ќе се обрати до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да ги организира преговорите.
Претходно во саботата, британскиот премиер Сер Кир Стармер отпатува во Кијив со колегите од Франција, Германија и Полска за да изврши притисок врз Русија да се обврзе на безусловно примирје, почнувајќи од понеделник.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна изјави дека Москва „ќе мора добро да размисли за ова“ – но предупреди дека „обидот да се изврши притисок врз нас е сосема бескорисен“.