Осумдесеттина работници од фирмите „Викторија“, „Илинден“, „Победа“ и други подизведувачи на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, денеска од 7 до 12 часот, протестираа на патот во близина на охридскиот аеродром, во знак на револт, поради неисплатени плати и непридржување на договорите од работодавците.
„Секој месец ни ги продолжуваат договорите за работа. Втор ден ја прекинавме работата, затоа што сè уште не сме добиле пари за мај. Денеска, работодавците ни ветија дека на сметката ќе ни бидат префрлени пари и дека утре ќе може да продолжиме со работа. Но, сè додека не ги видиме парите, никому не веруваме!“, велат за ЦИВИЛ Медиа, дел од работниците кои штрајкуваа.
Вработени во фирмата „Трансмет“, еден од главните изведувачи на градежните работи на автопатот, велат дека веќе втор месец не им се исплаќа плата.
„Не можеме да тврдиме за сите, приближно 800 ангажирани, работници, но сепак, голем дел од нас, секој момент ги чекаат парите за април. Викендов е Рамазан Бајрам, а многу семејства не ќе може да го чествуваат без плата“, ни изјавија дел од вработените од кичевскиот регион..
Доколку утре не им биде исплатена плата, не ја исклучуваат можноста и тие да им се приклучат на колегите од охридскиот регион и да излезат на протест, сè додека не им се исплатат заостанатите плати.
М. Талеска