По сослушувањето, ексминистерката за внатрешни работи Јанкулоска не ја соопшти причината за денешното сослушување. Истовремено, таа нагласи дека СЈО го загубило кредибилитетот, но дека сепак, се појавила на распитот, бидејќи станува збор за државна институција.
Во дел од медиумите се појавија непотврдени информации дека распитот се однесува на донациите од Јанкуловска за ВМРО-ДПМНЕ во минатото.
Јанкуловска е осомничена во три предмети на СЈО, „Титаник“ – за изборни манипулации, „Тврдина“ – за уништување на опремата за прислушување и „Тенк“ – за набавка на луксузниот автомобил „мерцедес“ за премиерот Никола Груевски.
Јанкуловска беше аболицирана од претседателот Ѓорѓе Иванов дури 14 пати.
Последниот пат кога беше на распит во СЈО, Јанкуловска изјави дека истрагите на Обвинителството ги смета за политички монтирани случаи. Денеска таа потенцираше дека СЈО работи за опозицијата: „СЈО одамна го загуби кредибилитетот да води какви било постапки кои се поврзани со правото, меѓутоа го задржа приматот на еден од најистурените организациони делови на СДСМ, односно, алатка во функција на СДСМ, кога ним им е потребно да постигнат некоја цел. Очигледно е дека во моментов, со наближување кон разрешницата на политичката криза, на Зоран Заев му е потребна помош, тука е СЈО да излезе со нешто што би одело во прилог на опозицијата“, изјави Јанкулоска.