пишува: МИЛАН БАНОВ
Nomina sunt odiosa! Да, имињата се и биле омразени, дури и за глаголивиот Цицерон кој, ете, не ги споменувал тогаш кога во некои од нив ќе препознаел нешто непријатно, лошо, недостојно… И сега, ја понела ли и ја опседнала ли оваа сентенција на славниот римски говорник и нашата Тамара Тодевска кога од македонската химна го изостави делот каде се споменуваат македонските револуционери, та преполна со некој неразбирлив и натраплив анимозитет кон нив одбила да им ги спомене имињата? Всушност, го мрази ли таа Гоце Делчев?
Не, во такво нешто не верувам и дури до извесност ми се доближува претпоставката дека Тамара многу повеќе од цела една булумента набедени и октроирани патриоти (читај: националисти) ја сака својата земја, ги почитува и горда е на нејзините симболи, а сигурен сум истиот однос го има и кон споменатите револуционери. И, ќе се согласите, иста ваква увереност не така одамна (по нејзиниот настап на Евросонг) беше населена и во главите на сета македонска популација, дури и кај оние кои деновиве со инквизициски пламен во очите на клада, вжештена од омраза, ја ставаат својата довчерашна гордост Тамара.
Се разбира, не е спорно дека на 4 Јули, во Американската амбасада, македонската химна е испеана нецелосно и дека пропустот остави непријатен впечаток. Впрочем, тоа го признава и самата Тамара Тодевска, која, како што вели во своето извинување до македонската јавност, „не постојат зборови да ја опишам својата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната атмосфера, за жал, ненамерно изоставив дел од химната… уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срца да ми простите“. Но, за македонскиот бачилски колективитет во ова бушаво време, извинувањето нема право на граѓанство, во срцата на хејтерите од нашиот сокак не останал простор за простување, а признавањето на грешката, можеби заборавноста, еуфоријата, возбудата, емоциите, можеби и тремата, нејзиното откажување на два веќе најавени концерти, се ништожни за поклониците на картезијанското „мразам, значи сум“.
Говорот на омразата во случајот на Тамара доби безмалку епски димензии според количеството на излошените зборови, но донесе и „квалитет“ во кој, несомнено, ќе се препознаат невиден примитивизам, простотилак, вулгарност, рурална свест, злоба, закани… – цела една палета на психички неурамнотежености, на молекуларно лудило распослано низ социјалните мрежи. А тие, социјалните мрежи, проектот за глобализирање, или подобро, за тоталитаризирање на свеста, нам малите, кутри и никакви, ни овозможиле, ни отвориле широк простор на светлината на денот да ја извадиме својата полуписменост и приземност, уверени дека на тој начин сме дале смисла и содржина на нашите бесплодни животи. Истовремено, Фејсбук и Твитер ни станале, без притоа да се понесе каква било одговорност, и цел и средство за непречена циркулација на омраза произлезена од несогласувањето со нечија национална, верска, идеолошка, социјална и секаква друга различност.
И кога сме веќе кај различностите, можеби е време да се согласам дека Тамара Тодевска е различна од секој поединец кој истури грст злоба врз неа; различна што на говорот на омразата му се спротивстави со доблеста да го признае пропустот, да се извини, на омразата да не одговори со омраза и тивко да се повлече во својот неспокој. И да, различна е не затоа што е заборавна или напати ќе направи грешка, зашто, колку што ми е познато, нема безгрешни, ами поинаква затоа што е поп-пејачка која не заглибила во фолклорниот кич (да се повикам на Данило Киш) кои нашиве националисти го нарекуваат патриотизам.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.