Различни по нивната етничка, родова, религиозна определба, сепак со исти пораки за „слобода“, љубов“, „мир“, „почитување“, „еднаквост“, и дека „сите се исти“… беа само дел од пораките кои стотина деца ги упатија на работилниците и јавните настани, во повеќе општини во земјата, „Заедно за иста цел“, дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ во 2019 година.
Децата преку бои, симболи, пораки и црежи покажаа како тие придонесуваат кон мирот, слободата, другарството, ненасилството, односно испратија порака дека и покрај тоа што се различни, сепак, сите се исти и имаат исти права. Проектот се спроведе во општините Куманово, Гази Баба, Тетово и Велес.
Тие неколку работилници ми се најомилените, бидејќи децата на нас возрасните ни држеа „предавање“ за заедништво, за еднаквост, за почит, за мир… На работилниците имаше доста комуникативни и отворени, но имаше и доста срамежливи дечиња, кои нивниот глас и право го пренесуваа преку платното за цртање.
Толку убави цртежи, пораки, симболи, цитати за соживот, еднаквост, ненасилството, почитување на различноста немам видено на едно место. Сигурен сум дека тие дечиња и во иднина, кога ќе пораснат ќе ги носат истите вредности, односно секогаш ќе му подадат рака на различниот од нив!
Дехран Муратов