Министерството за здравство информираше дека е разрешен ВД Директорот на Центарот за јавно здравје, Скопје, Арбен Зибери.
„Зибери е разрешен заради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“, стои во соопштението.
За нов ВД директор на Центарот е назначен д-р Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција ја демантираше изјавата на Арбен Зибери дека лично дејствувал во Комисијата за заразни болести за отворање на границите, и посочи дека ќе се консултира со правниците доколку во овој период може, директорот денеска да биде сменет.
“Ја прочитав изјавата. Апсолутно е невистина, Прво директорот Зибери не е член на Комисијата. Ова сметам дека е некаква предизборна реторика, и тоа евтина и лоша, и сметам дека ништо нема да добие директорот со оваа изјава’, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека целиот изминат период Комисијата за заразни болести работи исклучиво врз основа на медицински индикатори, на медицината како наука, на епидемиологијата и ваква изјава, според него, не доликува на доктор.