Остри и често иронични реакции на граѓаните предизвика ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за кампањата на политичките партии и независните кандидати?
Недоверба во независните
Дел од коментарите се однесуваат на појавата на независните кандидати, за кои граѓаните сметаат дека се создадени да одземат гласови од одредени партии. „Приврзоци на ДРПНЕ, создадени да откинуваат гласови од противничките партии. Кобајаги независни,“ ,се вели во еден од коментарите.
Ќе се мери умот на избори
Во коментарите се укажува и на тоа дека, иако сега се слушаат ветувањата, вистинската одлука ќе се носи на денот на изборите: „За тоа што мислиме има ден кој се вика избори. Сега само слушаме, а тогаш ќе одлучиме.“
Се чувствува и голема доза на скепса. „И овој пат нека се мери разумот, а не гласните лажни ветувања,“ коментираат граѓани, потсетувајќи дека политичките партии редовно „ги истиснуваат“ независните иницијативи.
Предизборна кампања
Рано започнатата кампања, пак, за многумина е знак за претерана агресивност: „Рано почнаа, многу брзаат. Од 29ти септември е кампањата. Ќе ни здосадат.“ Дел од реакциите дури ја опишуваат како нападна и контрапродуктивна: „Досадни, демоде, наметливи, папагалски – постигнуваат спротивен ефект.“
Граѓаните ја доживуваат кампањата како повторување на старите шаблони. Недовербата е голема, а надежта дека овојпат ќе надвладее разумот наместо ветувањата – останува.
Б. Ј.