Лидерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, минатата недела најави дека по претстојните предвремени парламентарни избори ќе предложи кандидат за премиер, Албанец. Предлогот е аргументиран со тоа дека е време за премиер Албанец, а ги повика и опозициските партии од албанскиот блок, да се придружат на кампањата за нов премиер, односно, да придонесат со свои предлози.
ДУИ најавува консултации и со академската заедница по ова прашање.
На предлогот на Ахмети, прв се одзва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, којшто ја нарече идејата популистичка, дека со оваа кампања ДУИ сигурно ќе оди во опозиција по изборите и дека гласачите ќе одлучуваат кој ќе биде премиер. Заев изјави дека СДСМ ќе извојува победа, и дека кандидат на СДСМ за премиер на владата, ќе биде тој самиот.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се изјасни за предлогот на ДУИ, велејќи дека тој е „шпицен“ кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за премиер.
„Ние и во минатото имавме предлог до партиите за тн. шпицен кандидат и гледаме дека од ДУИ ја прифатиле оваа идеја за таква понуда. ВМРО-ДПМНЕ беа јасни кој е кандидат за премиер, а тоа сум јас, СДСМ, исто така, го номинираше Зоран Заев. Името на третиот сѐ уште не сме го слушнале, се надевам ќе го кажат деновиве. Народот е тој што одлучува кој ќе ја предводи владата“ изјави Мицкоски.
Од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека предлогот на ДУИ не е искрен. АА велат дека ДУИ нема легитимитет да ги претставува потребите на граѓаните, повикувајќи се на досегашната пракса на ДУИ и на злоупотребите во име на граѓаните.
ДПА категорично ја одбива идејата, бидејќи, како што велат од таму, однесувањето на ДУИ е скандалозно и не веруваат дека Албанците ќе дозволат уште една од мноштвото измами.
Шефот на кабинетот на претседателот на ДУИ, Артан Груби, изјави дека според несериозноста на двајцата кандидати, од ДУИ очекуваат голем број граѓани да гласаат за нивниот предлог, односно за првиот премиер Албанец.
Груби самоуверено изјави дека идниот премиер Албанец ќе биде избран заедно со опозициските албански партии, по примерот на Талат Џафери, којшто беше избран за претседател на Собранието. Груби изјави дека за нивниот кандидат ќе гласаат и етнички Македонци, бидејќи како што кажа, тој ќе донесе рамномерен развој на цела држава и едно општество за сите, а не како досега, општество за една партија.
Д. Т.