ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај, стои во соопштението до јавноста од ССМ.
Министерот кој на 2 јануари се фалеше дека недела неработен ден е реалност, на 27 јуни се фали дека сите трговци во туристичките дестинации ќе работат во недела.
Трговците можеа и до сега да работат но самите, но на министерот очигледно не му се допаѓа тоа па сега работниците ќе им работат на трговците.
Министерот за економија тргува со човечки судбини, па прашуваме дали на работниците им е потребен министер трговец како него.
Истовремено, потсетуваме дека овластен предлагач на Законот била пратеничката Жаклина Лазаревска, истата пратеничка која за амандманот на ССМ од говорница викаше дека на работниците лесно можеле да им дадат 2806 денари, ама не сакале да им дадат да не ги расипат од многу пари.
Работниците мора да се запрашаат на кого го даваат својот глас на избори, ако знаат дека сите пратеници сложно се против работниците. Работникот памти и ќе врати!, велат од ССМ.
Ставот на ЦИВИЛ по ова прашање, ја поздравува намерата да се заштитат и унапредат работничките права. Сепак, законското решение можеше и требаше да биде право на сите субјекти подеднакво да одлучуваат за недела како работен или неработен ден, а ако се одлучи да биде работен ден, да има обврска за додаток на дневница (+50%) и слободен ден за работникот. ЦИВИЛ е постојано на линија на заштита и унапредување на работничките права, и со својот тим им стои на располагање на работниците во остварување на нивните социјални, човекови и работнички права.
Овој закон отвора неколку прашања поврзани со работничките права, социјалната правда и еднаквоста, за што ЦИВИЛ веќе пишуваше и побара одговори од надлежните институции.
М.Д.