Од кабинетот на премиерот Заев стигна реакција по повод изнесените ставови од Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешната прес конференција.
Од кабинетот на Заев истакнуваат дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија.
Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија, се вели во реакцијата.
Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, стои во реакцијата.