Државната изборна комисија објави дека 69 независни кандидати за градоначалници во 38 општини и 68 листи за советници во 34 општини поднеле иницијативи.
Најмногу независни кандидати за градоначалници се пријавиле во Прилеп – седум, додека во Град Скопје, Демир Хисар и Струга има по пет кандидати. По три иницијативи се поднесени во Битола и Демир Капија, а во останатите општини се по една или две.
Ова значи дека речиси половина од локалните самоуправи ќе имаат барем еден независен кандидат, што може да резултира со подолги гласачки ливчиња за жителите на најголемите општини.
Некои од кандидатите веќе се познати на јавноста. Во Град Скопје, покрај поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска и деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, иницијатива поднеле и Драган Николовски, Сашо Маневски, Сашо Панговски и Демир Исмаил.
Други актуелни градоначалници кои ќе се кандидираат како независни се Венко Крстевски во Кочани, Зоран Ногачески во Дебарца и Азем Садики во Студеничани. Во Гостивар независна кандидатура поднел економскиот аналитичар Висар Адеми, а во Струга бизнисменот Менди Ќира, кој ја доби поддршката на владиниот коалициски партнер Вреди.
Од потребните два потписи, независниот кандидат за Струга Менди Ќира собрал 65, а од независните листи за советници, листата чиј носител е Аки Акиов од Кочани со 535 потписи.
Независните кандидати, како и партиите, до 13 септември треба да ја поднесат потребната документација до изборните комисии, кои потоа формално ќе ги потврдат кандидатурите. Некои независни иницијативи веќе започнале постапка за собирање потписи со цел формирање партија, но на крај ќе се најдат на гласачките ливчиња како независни.
До 20 септември, сите потврдени листи се доставуваат до ДИК, која со ждрепка го утврдува нивниот редослед. Ждрепката ќе се одржи најдоцна на 25 септември.
Иако, долги сепак гласачките ливчиња нема да бидат 7-8 метри како што прогнозираше премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека Владата има уставна можност да постави повереници, ако поради независните со два потписа изборите не успеат бидејќи ќе ги обесхрабри граѓаните.
Б. Ј.