Помалку од 20 отсто од италијанските граѓани со право на глас гласале во првите часови на денешните парламентарните избори, што се чини дека ќе стане ново историски најниско ниво на излезност на гласачите, јави ДПА.
Гласачките места беа отворени во седум часот наутро по локално време. Според Министерството за внатрешни работи во Рим, до 12 часот излезноста била 19 отсто, што е помала од бројките од изборите во 2018 година, на кои беше забележан најмал одѕив некогаш забележан по Втората светска војна со околу 73 отсто. Денешните избори може да завршат дури и со помала излезност, при што експертите предвидуваат излезност под 70 проценти.
Италијанците денеска гласаат на, како што се нарекуваат клучни избори, во време кога Европа страда од последиците од руската војна во Украина.
Првпат во Италија по завршувањето на Втората светска војна, овие избори може да доведат на чело на владата лидер на екстремната десница, шефицата на партијата на Браќата на Италија, Џорџа Мелони.
Изборите би можеле да бидат тест за тоа дали екстремно десничарските чувства зајакнуваат во 27-члената ЕУ. Неодамна, една десничарска партија во Шведска се здоби со популарност преку искористување на стравовите на луѓето од криминалот, потсетува Бета.
Главниот партнер во сојузот на Џорџа Мелони е десничарската партија Лига на Матео Салвини, која ги обвинува мигрантите за криминал. Салвини долго време е идеолошки поддржувач на десничарските влади во Унгарија и Полска.
Салвини, кој има база на гласачи меѓу сопствениците на бизниси во северниот дел на Италија, претходно носеше маици за поддршка на Путин. Тој, исто така, го доведе во прашање колку е мудро да се задржат западните економски санкции против Русија, наведувајќи дека тие можат да бидат премногу штетни за италијанските економски интереси.
Објавувањето на резултатите од анкетите беше прекинато 15 дена пред денешните избори, но претходно тие покажаа дека најмногу гласови ќе освои партијата на Џорџа Мелони, веднаш пред централно-левичарската Демократска партија предводена од поранешниот премиер Енрико Лета.
Сојузот во кампањата што ја поврзува Мелони со конзервативните сојузници Салвини и поранешниот премиер Силвио Берлускони има јасна предност пред Лета во сложениот италијански систем за распределба на места во парламентот.
Лета залудно се надеваше дека ќе формира сојуз со левичарското популистичко Движење пет ѕвезди, најголемата партија во владата во заминување.
На чело на владата во заминување е поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги. На почетокот на 2021 година, италијанскиот претседател го покани Драги да формира влада на единство по распаѓањето на втората владејачка коалиција на лидерот на Движењето пет ѕвезди Џузепе Конте.
Драги изјави дека не сака уште еден мандат како премиер.