Се ближиме кон крајот на третата деценија од осамостојувањето на државава ни, а сѐ уште се давиме во корупцијата на богатите кои никако да се отрезнат дека животот е краток и не вреди парите да се таложат во некакви семејни империи, свесни дека нивните соседи можеби вечерва ќе заноќат со празен стомак. Ако говориме за хуманоста, тогаш треба да ни биде јасно дека хуманизмот најдобро се забележува кога е застапен тука некаде блиску до нас, за да ги почувствуваме неговите благодати и влијание во заедницата во која, сите заедно, ги минуваме своите животни моменти.
Балканот, и ние експерименталните зајачиња во него, како голем полигон на коекакви заебани социјално-политичко-економско-воени експерименти не се разликува многу од азиските и африканските “политичко-демократски“ уредувања со кои навистина владеат ликови од типот на Аладин но, не оној со волшебната лампа туку оној на извонредниот Барон Саша Коен.
Па така, на секоја азиско-афричка политичка гарнитура ѝ е потребен инструмент за владеење со мозокот на масите, а тоа најдобро се прави преку контрола на религиската мисла и влијанието на истата врз расположението на луѓето. Секако, за тоа исто така е потребно и постоење на најнизок и најпрезрен профил на луѓе кои словото на религијата ќе го заменат со добра финансиска зделка од типот: ко да више, његови смо!
Истото важи и за овие нашиве. Имено, верските поглавари на МПЦ и ИВЗ очигледно немаат никаков кредибилитет да бидат духовни водачи или душегрижници на овој напатен и соголен народ бидејќи тезата за апсолутната добрина на верникот престанува да важи во моментот кога пазарот за продажба на душите работи со полн капацитет, а богами, тие се мошне вешти трговци.
Која е веригата помеѓу валканото однесување на „светите“ луѓе со андерграунд зделките на политичките партии? Едноставно, тие не можат едни без други. За секоја политичка одлука од поголем калибар потребно е масите да се замолчат преку „светоста“ на верската институција која преку своите верски објекти создава одредено расположение кое е во корист на политичката гарнитура на власт, а содејствува со можните идни бизнис интереси кои позитивно ќе се одразат врз финансискиот статус на верската институција и на власта.
Па така, кога Грујо владееше со нас будалите, челништвото на МПЦ постојано се повикуваше на сестринската црква од Русија која ја сметаа за свој крстоносен меч против „херезата“ на Западот. Исто така, никогаш не ги слушнавме дека го подигнале гласот против злосторничкото здружение на ДПМНЕ кое константно го уништуваше достоинството на граѓанинот. Се случуваа ликвидации, пљачки, рекети, но, од „светата“ институција – молк! Поради тоа, некои верски службеници од редовите на МПЦ беа апсолутно слободни да шират говор на омраза и нетрепеливост и наместо да бидат санкционирани, тие беа наградувани, на ваков или онаков начин.
Истото се случува и со највисокото раководство на ИВЗ. Кога новинарот на Вашингтон Пост, Џемал Кашокџи, беше брутално измасакриран во просториите на амбасадата на Саудиска Арабија во Турција, наместо осуда, поглаварoт на ИВЗ даде безрезервна подршка за политиката на саудискиот престолонаследник, испраќајќи му писмо во кое му изразува несебична подршка во име на сите муслимани од Северна Македонија!? Каква дрскост и безобразлук! Од каде па сега муслиманите од Северна Македонија се согласиле со ликвидацијата на новинарот Кашокџи?! Тоа ли е свеста на муслиманската популација кај нас? Зарем илјадници луѓе да се поистоветат со злосторниците кои го заклаа јадниот човек!? Ваква подла клевета не смееше да се премолчи, но…
Прашањето кое се поставува е следното: ако верата на човекот му препорачува добрина, правдина и хуманост, зошто тогаш со верските институции неприкосновено владеат неправедни, лоши и себични луѓе а тие, наводно, нѐ учат како треба да се владееме?
Наместо да шират мир, соработка и чувство за грижа кон другите, верските лидери кај нас упорно играат по звуците на политичката шупелка која константно ги води само кон подиумот на личната корист и профитерство, водејќи го обичниот смртник кон бездната на неговата лична и семејна пропаст, бидејќи не е во состојба како да се прехрани себеси и своите најблиски. Луѓе ни умираат по болниците од грип и морбили поради немање финансии за превенција во модерно опремени болници со високо задоволувачки медицински кадар што доволно говори за мизеријата во која се наоѓаме.
Мухамед, Пратеникот на исламот, вели: „Не е верник тој што ќе заноќи најаден, а знае дека неговиот комшија е гладен.“ Изразот комшија не познава верски или национални граници туку е универзален израз на човечката свест и совест.
Сепак, политичарите и верските лидери сѐ уште ја играат препредената игра: дај ми, на ти!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.