Според Индексот за слобода на медиумите во светот на Репортери без граници, Република Северна Македонија се наоѓа на 95 место и во 2019 година, сè уште на истата позиција како и во 2018 година.
Во 2017 државата се наоѓаше на 111 место, а споредбено со претходните години, овае најдоброто рангирање според идексот од 2012 па наваму кога сме биле на 94 место.
„Иако ситуацијата се стабилизираше во 2018 година, новата Влада допрва треба да го измени законот за радиодифузните медиуми, спротивно на она што го најави кога ја презеде власта во 2017 година. Значи, засега програмирањето на државниот радиодифузер продолжува да им служи на интересите на поранешната владејачката конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ. Законодавството за клевета и пристап до државните информации исто така треба да се изменат… Исто така, за жал, високи владини претставници имаат тенденција да ги загрозуваат и навредуваат новинарите. Но, постигнат е напредок во безбедноста на новинарите: бројот на напади врз новинарите во 2018 година беше само една третина од бројката од претходната година. Сепак, културата на неказнивост е добро заснована и само два од 59 напади пријавени во последниве години биле испитани и решени. Ова е далеку помалку од потребното ниво за да ги обесхрабри одговорните за овие напади“, се вели во објаснувањето на Репортери без граници за 95 место на земјата.
Најдоборо рангирани земји по слобоа за медиуми се Норвешка, Финска, Шведска, Холандија и Данска. Најлошо рангирана е Туркменистан, а во најлошите пет држави се и Северна Кореја, Еритреја, Кина и Виетнам.