По достоинственото заминување на Кир Стармер од Даунинг стрит, поранешниот пратеник од Лабуристичката партија, Роџер Касале, во интервју за TRT World зборуваше за турбулентниот пат што ги очекува Лабуристичката партија и Обединетото Кралство. Со оглед на тоа што Енди Бурнам важи за голем фаворит да го преземе кормилото како следен лидер и премиер, Касале се осврна на внатрешните и меѓународните пречки што претстојат.
Осврнувајќи се на премиерот во заминување, Касале ги пофали последните моменти на Стармер на функцијата, и покрај политичките превирања.
„Штукушто видовме како [Кир Стармер] заминува од Даунинг стрит на многу достоинствен начин, со многу интегритет, ефикасно и брзо“, забележа Касале.
Тој истакна дека падот на Стармер не мора да значи неуспех на неговите политики — наведувајќи ги економските подобрувања, напредокот во однос на миграцијата и цврстиот став на меѓународната сцена — туку пред сè, суштински недостаток на поврзаност со јавноста.
„Тој беше доживеан како лош комуникатор… промената на лидерството во оваа фаза е полна со ризици, па затоа е потребен нов лидер“, објасни Касале.
Давајќи му поддршка на Бурнам за лидерската позиција, Касале ја нагласи неговата способност за премостување на поделбите. „Тој има големо искуство и е многу популарен… Тој е во најдобра позиција да ја обедини партијата.“
Најголемиот тест: Украина и глобалната безбедност
Иако Бурнам носи богато домашно искуство од неговиот успешен мандат како градоначалник на Манчестер — каде што се фокусираше на транспортот, домувањето и трошоците за живот — Касале нагласи сепак дека неговите најитни тестови ќе се одвиваат на глобалната сцена.
„Мислам дека најголемиот предизвик со кој се соочуваме… е војната во Украина и заканата од Русија“, предупреди Касале.
Тој ги претстави клучните надворешнополитички одлуки што го очекуваат идниот премиер, особено во однос на меѓународната солидарност и воената модернизација:
„Еден од клучните тестови за Енди Бурнам ќе биде да видиме: дали ќе ја поддржи коалицијата на волни сојузници? Дали ќе ја поддржи Украина? Дали ќе ги вети ресурсите што Кир Стармер на крајот не беше во можност да ги намени за зајакнување на одбранбените капацитети на Британија?“
Ресетирање на односите меѓу САД и Велика Британија
Друга голема дипломатска пречка за идниот премиер ќе биде менаџирањето на односите со Соединетите Држави под претседателство на Доналд Трамп. Касале посочи дека личната хемија меѓу Стармер и Трамп била ноторно лоша, што отвора нова можност за дипломатско ресетирање.
„Енди Бурнам е добар комуникатор. Мислам дека тој ќе сака да има добри односи со Доналд Трамп, добро да се согласува со него и да му угодува“, објасни Касале.
Сепак, тој предупреди дека транзицијата можеби нема да биде целосно мазна, бидејќи Бурнам е релативно нов во највисоките кругови на меѓународното владеење.
„Можно е Доналд Трамп да го доживее како политичар со помала тежина… Мислам дека за Енди Бурнам ќе биде предизвик да го стекне почитувањето на Доналд Трамп. Но, сите европски лидери се соочија со тој предизвик, и Енди Бурнам не е поразличен.“
Роџер Касале е коосновач на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (Defending Democracy Global Initiative) и нејзината водечка програма, Вестминстерската алијанса за Украина (Westminster Alliance for Ukraine). Тој е коавтор на подкастот Eyes on Democracy, заедно со Џабир Дерала, во продукција на ЦИВИЛ МЕДИА, тој останува доследен поборник за човекови права.
Д. Мишев












