Руското Министерство за правда ја стави германската радиодифузна компанија Дојче веле на листата на странски агенти, објавено е денеска на веб-страницата на Министерството, пренесува МИА.
Како што се наведува, руското Министерство за правда го вклучи Дојче веле во својот регистар на странски медиуми кои имаат функција на странски агент, пренесува агенцијата ТАСС.
Руските власти на 3 март ја одзедоа акредитацијата на Дојче веле, како одговор на одлуката на официјален Берлин да го забрани емитувањето на рускиот канал РТ бидејќи немал соодветна лиценца.
Најтиражниот руски независен весник Новаја Газета, чиј главен уредник Дмитри Муратов минатата година беше награден со Нобеловата награда за мир, денеска објави дека го суспендира објавувањето до крајот на „воената акција“ на Москва во Украина.
„Добивме уште едно предупредување од Роскомнадзор“, пишува весникот, повикувајќи се на рускиот медиумски регулатор. Трето предупредување би значело одземање на лиценцата на весникот, пренесува Москва Тајмс.
„Го суспендираме објавувањето на весникот на нашата веб-страница, на социјалните мрежи и во печатените медиуми до крајот на ‘специјалната операција во Украина’“.