Русија користи финансиски стимулации за регрутирање наставници, културни работници и тренери за работа во окупираните делови на Украина во кампања насочена кон преобликување на локалниот идентитет и поттикнување на лојалност кон режимот на Москва, објави Кијив Индипендент според извештајот објавен од Центарот за анализа на европски политики (CEPA) на 26 јуни.
Кремљ нуди до два милиони рубли (околу 22.000 долари) на руските наставници кои ќе се согласат да работат пет години во окупираните области на Донецк, Луганск, Запарижје и Херсон, и еден милион рубли за позиции во Крим.
Иницијативата, продолжение на руската програма „Земски учител“ (Рурален наставник), која првично беше насочена кон недоволно опслужените региони во Русија, беше официјално започната на новоокупираните украински територии во 2024 година – иако руските едукатори почнаа да пристигнуваат уште во 2022 година.
Над 100 наставници се преселија на Крим преку програмата, според Регионалниот центар за човекови права на Украина. Повеќето од нив пристигнаа од региони, вклучувајќи ги Краснодар, Алтајски крај, Томск, Новосибирск, Саратов, Тјумен, Иваново и Република Удмуртија.
„Документиравме случаи на наставници – и луѓе доделени на менаџерски улоги, како што се директори на училишта и заменик-началници – кои пристигнаа уште во 2022 година“, рече Катерина Рашевска од Регионалниот центар за човекови права на Украина. „Првата група дојде од Дагестан, пристигна во окупираниот Запарижје, а до 2024 година веќе имаше 37 наставници од Дагестан кои работеа таму.“
Според Рашевска, овие наставници често водат курсеви по руски јазик, историја и „основи на безбедноста на животот и одбраната на татковината“ – часови фокусирани на регрутација и воена обука.
„Овие луѓе се вклучени и во репрограмирање на украинските деца, обидувајќи се да ги воспитаат како руски патриоти и идни членови на руските вооружени сили“, додаде таа.
Паралелно, Русија врши притисок и врз украинските наставници во окупираните области да ја усвојат руската наставна програма. Оние кои одбиваат се соочуваат со сериозни последици.
„Во Бердјанск, директор на училиште беше депортиран затоа што одби да го отвори училиштето според руските стандарди“, рече Марија Сулијалина, раководителка на украинската невладина организација Алменда.
Сулијалина истакна дека наставниците сега се должни да го фалат претседателот Владимир Путин и да пријавуваат „екстремистичко однесување“ меѓу учениците – честопати дефинирано како проукраински ставови.
Експертите за човекови права велат дека овие напори претставуваат колонизација и се кршење на меѓународното право, вклучително и член 49 од Женевската конвенција и член 8 од Римскиот статут.
„Русија планира да пресели уште 100 наставници во окупираните области во 2025 година – јасен пример за колонизација“, рече Рашевска. И покрај постојните законски алатки, додаде таа, „Меѓународниот кривичен суд сè уште не дава приоритет на колонизацијата… иако овие федерално координирани програми што вклучуваат наставници, културни работници и тренери создаваат јасен синџир на команда“.
Д. Мишев