Руското обвинителство побара во вторникот рускиот новинар Иван Сафронов да биде осуден на 24 години затвор под обвинение за предавство, објави неговиот адвокат Евгениј Смирнов на Фејсбук, пренесува независниот медиум The Moscow Times.
Обвиненијата против Сафронов датираат од времето кога тој работел за водечките руски весници Ведомости и Комерсант каде известувал за руската одбранбена индустрија.
„Обвинителите понудија 12-годишна казна во замена за признавање на вината“, рече Смирнов за судското рочиште во вторникот. 32-годишниот Сафронов одби да го преземе тој договор.
Сафронов ги негира обвинувањата дека собирал доверливи информации за руската војска и ги предал на западните разузнавачки агенти.
„Јас сум новинар цел живот и никогаш немало никаква шпионажа“, рече Сафронов во изјавата објавена претходно овој месец пред почетокот на неговото судење, кое се одржува зад затворени врати.
Истражувачкиот медиум „Проект“ во понеделникот објави судски документи од случајот на Сафронов, тврдејќи дека „класифицираните“ информации што Сафронов наводно му ги пренел на Запад се јавно достапни на интернет.
Адвокатите на Сафронов во вторникот во објава на Телеграма рекоа дека сите сведоци на обвинителството пред судот признале дека Сафронов „не го прекршил законот и не изнесувал државни тајни“.
Уапсен во јули 2020 година, Сафронов оттогаш е во истражен притвор.
Подготви: Д.Мишев