Јавната обвинителка Вилма Русковска по објавувањето на пресудите за случајот „Рекет“ изјави дека не е задоволна од пресудата за Бојан Јовановски, за кого не очекувала под десет години затвор, а за осудената Катица Јанева очекувала меѓу седум и осум години.
Русковска најави жалба и за двете пресуди, но откако ќе ја добие на писмено пресудата.
Прашана дали е задоволна од тоа како заврши предметот, со оглед дека не се најде одговор каде завршиле парите, Русковска, рече дека за осудителната пресуда веќе рекла дека не е задоволна со висината, особено за Бојан Јовановски.
„Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување, со оглед на тоа се што си купувал без никаков приход, а и самите знаете колку чини финансирањето на медиумска куќа“, изјави Русковска.
Судот денеска на првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 денеска му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева затворска казна од седум години.
Судот Бојан Јовановски го прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
Судот за определување на казните за сторените кривични дела, рече судијката Васка Николовска Масевска, се водел од олеснителните, како брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите.
Судијката Николовска Масевска, при објавување на пресудата за предметот „Рекет“ рече дека во казната ќе им се пресметува времето поминато во притвор.
„Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување и за себе прибавила значителна имотна корист – мебел и 50 илјади евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка куќен притвор“, рече судијката во пресудата.
Во образложението за пресудата против осомничениот Бојан Јовановски, судијката Масевска истакна дека обвинетиот со незаконски прибавени средства купил луксузни облеки од различни светски брендови. Освен казна затвор од девет години, на Бојан Јовановски судот донесе одлука за да му се конфискуваат 12 илјади евра.
Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.