Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), изјави дека единствениот услов на САД за работењето на Нафтената индустрија на Србија (НИС) е да нема одлив на пари во Русија.
О’Брајан рече дека САД не сакаат Москва да ја контролира НИС.
„Единствениот начин да се има нула ризик е да се има нула руска сопственост. Тоа е ставот со кој влегуваме во овој разговор. „Веќе направивме вакви работи со други руски компании во други земји, Холандија, Швајцарија, Турција“, изјави О’Брајан за Радио телевизија на Србија (РТС).
Тој додаде дека САД ќе го следат патот кон, како што наведе, конструктивна сопственост на НИС, што е во корист на Србија.
Српската нафтена индустрија беше вклучена во списокот со санкции што го објави американското Министерство за финансии на 10 јануари поради сопственичкиот удел во руската компанија Гаспром нефт.
Компанијата НИС беше санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со рускиот Гаспром Нефт.
Ричард Верма, американскиот заменик државен секретар, на 11 јануари во Белград изјави дека Србија нема да трпи економски последици доколку се отстрани руската сопственост на НИС.
Србија очекува со разговори со Русија да се реши ова прашање, откако Вашингтон и Белград го покренаа прашањето за руската сопственост во НИС.
„Треба точно да знаеме какви се условите, за потоа да разговараме со руската страна“, рече Вучиќ.
Гаспром нефт е под европски и американски санкции, додека најголемиот светски производител на гас Гаспром не е покриен со ембаргото на западните земји.
Руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината матична компанија Газпром имаат мнозинска сопственост на НИС од 56,15 отсто од 2008 година, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.
извор: РСЕ