Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер денеска објавија трговски договор, со кој останува на сила царина од 10% за стоки увезени од Велика Британија, додека Велика Британија се согласи да ги намали своите царини на 1,8% од 5,1% и да обезбеди поголем пристап до американски стоки, јави Ројтерс.
Спогодбата што ја објави Трамп од Овалната соба е првата откако предизвика глобална трговска војна со бран на давачки врз трговските партнери по неговото враќање во Белата куќа во јануари.
„Ова ни отвора огромен пазар“, изјави Трамп.
„Ова е навистина фантастичен, историски ден“, рече Стармер преку телеконференција.
Соединетите Американски Држави се под притисок од инвеститорите да склучат договори за деескалација на царинската војна откако честопати хаотичното креирање политики на Трамп ја наруши глобалната трговија со пријателите и непријателите, заканувајќи се да ја поттикне инфлацијата и да започне рецесија.
Високо рангираните американски функционери се вклучија во низа состаноци со трговските партнери откако Трамп на 2 април воведе царина од 10% за повеќето земји, заедно со повисоки стапки за многу трговски партнери кои потоа беа суспендирани 90 дена.
Д. Т.