пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Мислев да напишам некој збор како врска со минатото, меѓутоа ништо не ми падна на ум. Ситуацијата е толку истоветна, што едноставно нема потреба од врска.
Луѓето кои сакаат, знаат, можат и за ништо не се виновни, одново и одново испливуваат на површината и застануваат на чело на државата. Ова е посебно видливо во моменти како овој актуелниов кога се пазари, пардон, договара “нова“ Влада.
Некогаш се истите, а некогаш некои други, меѓутоа од истиот вид и подвид.
Имам впечаток дека се множат со геометриска прогресија.
Објавено во УТРИНСКИ, 20 февруари 2001
Некои луѓе едноставно се родени да управуваат. Во многу рана возраст се пројавуваат како идни управници, функционери, директори, градоначалници, парламентарци, министри и сè понатаму. Не се издвојуваат со својата памет или некое посебно знаење.
Не можете да ги препознаете по умешноста или стручноста. Не пројавуваат забележлива интелигенција или бистрина. Не се шармантни, духовити, интересни. Не е да не се случува да поседуваат и некоја од горните карактеристики (одвреме – навреме, не многу често, се случува и тоа). Меѓутоа, тоа не е она по што можеме да ги препознаеме и тоа не е она што ги исфрла на врвот со што доаѓаат на чело на секоја манифестација (освен онаа која може да биде опасна по нив самите).
Овие луѓе ќе ги препознаете по тоа што во секој разговор подолг од пет минути ќе изговорат четири неизбежни фрази.
Како прв секогаш се појавува зборот САКАМ.
Сакам да бидам претседател на одделение, сакам да ме изберат за претседател на Унија на средношколци, многу сакам да станам претседател на студентската организација. Сакам да станам советник во општина, градоначалник, директор, пратеник, амбасадор, конзул, управник, претседател, премиер. Добро е сè што значи фотелја, секретарка, шофер е секогаш добредојден, потчинети, а јас главен.
Овие луѓе навистина сакаат и го кажуваат тоа на цел глас и во тоа име се подготвени да молат и да колат, подготвени се да ветуваат и да лажат, подготвени се да те продадат и да те купат, подготвени се да го згазат секој свој збор и подготвени се да станат пријатели и со црниот ѓавол.
О, овие луѓе се подготвени апсолутно за сè, само ако значи тоа некаква моќ, управување со други, само ако значи дека некој по редот на нештата ќе мора да седи и да ги слуша и потврдно да клима со глава и понизно да се смешка. Едноставно сакаат да решаваат за човечки судбини и да бидат барани и молени. Сакаат да се појавуваат на телевизија и на радио и во весник и некој да ги прашува за нивното мислење, за кое во други услови никој жив не би дал ни пет пари. Проклето многу ја сакаат таа раководна функција која единствена може да им обезбеди да бидат третирани како да се некој и нешто, затоа што обично по сите свои способности се никој и ништо.
Вториот збор е ЗНАМ.
Овие луѓе знаат. Знаат сè и знаат целосно и безгрешно. Однапред и без никој ништо да им каже. Залудно е да се обидете на ваквиот човек да му пренесете каква било информација, тој знае.
Не можете да му објасните нешто затоа што тој веќе знае. Губење време е да пробате да споделите што било, тој е секогаш понапред од вас и знае. Овие луѓе се родени со целокупното знаење што кога било ќе им притреба во животот.
Знаат како да управуваат, знаат како да градат и како да уриваат, знаат да направат сè што е потребно и знаат што не е потребно. Знаат што мислите и знаат што ќе направите, знаат што е најдобро за секого одделно и за сите заедно.
Тоа се луѓе што не учат и не можат ништо да научат, луѓе за кои бројките се само убави шари за покажување, а податоците служат за разубавување на речникот. Ним не им требаат ни свои ни туѓи искуства. Тоа се луѓе кои нема да прочитаа ниту една информација или извештај, а упорно ќе се повикуваат на истите тие информации и извештаи.
Знаат како, зошто, колку, кога, каде. Знаат без да дознаваат, знаат дури и без да знаат. Меѓу нив тешко ќе се пробие оној кутар мудрец кој се осмелил да извика: сега знам колку не знам. Нему дефинитивно не му е местото во ова друштво.
Знам и верувај ми и следи ме, не грижи се и не прашувај. А зад секое знам, по една дупка. Колку поголемо знам толку поголема бездна. Колку поголема бездна толку повеќе жртви за да ја исполнат за да не пропадне тој самиот, што знае сè.
Третиот збор кој природно следува од знам е МОЖАМ.
Можам сè. Можам да направам, можам да постигнам, можам да организирам, можам да добијам, можам да обезбедам, можам да разберам.
Нема што не можам. Можам да бидам што сакам. Можам да бидам пилот, и капетан на брод, и дипломат, политичар, директор на сè и сешто, министер.
Можам да возам со заврзани очи и без раце. Можам во исто време да бидам и профессор и државен службеник и независен експерт и партиски човек и бизнисмен и законотворец.
Никој не ги учел, никогаш не пробале, првпат гледаат такво нешто, ама можат. Можат да напишат закон за една ноќ и учебник за еден ден, можат да преговараат и да договараат, можат да отидат и да се вратат. Можат да одат на лево и на десно и право и горе и долу, насекаде. Главно е да се каже можам, за некој да не помисли дека некој друг а не јас навистина може. Потоа ќе видам како.
И последниот збор, оној најважниот: НЕ СУМ КРИВ.
Не сум крив е решение за сè и излез од не знам и не можам.
Не сум крив за неуспехот, за утнувањата, за погрешните процени и несоодветните потези, за назадувањето, за загубата и за грешките. Не сум крив е секогаш тука, подготвено, искрено со раширени раце и поткренати рамења.
Секогаш има некој друг кој ја сплеткал работата. Некој друг нешто погрешно направил и ја оплескал. Криви се оние пред мене и нивните остатоци и оние околу мене што не работат како што треба и оние зад мене, и пријателите и непријателите и луѓето и животните и времето и невремето.
Криви се соседите и оние богатите и оние бедните. Јас – не. А, ако сум малку крив дефинитнивно се многу покриви оние другите.
Не сум крив е супер, така можам свечено да ги напуштам овие кривите и да одам и да им се придружам на оние другите и третите и сите што доаѓаат.
Не грижете се доколку детето не ви учи добро или не покажува посебен интерес за ништо. Доколку ги изговара брзо и без размислување зборовите: сакам, знам, можам и не сум крив, сè е в ред. Го чека сигурна и светла иднина.