На вториот Самит на првите дами и господа, под покровителство на првата дама на Украина, Олена Зеленска, се обратија многу јавни личности и први дами и господа од целиот свет, како и претставници на меѓународни организации и луѓе кои со својата професија се во првите борбени линии во Украина.
На самитот се обрати и првата дама на Северна Македонија, Елизбета Ѓоргиевска, која во своето обраќање ја истакна помошта што ја нуди нашата земја за децата бегалци од Украина.
„Војната што се наметна на Украина остави околу 2/3 од украинските деца раселени, исплашени, во шок и очајни за безбедност. Многу од нив страдаат од социјално нарушување и проблеми со менталното здравје. Овие трауми на семејствата и децата ќе имаат долгорочни последици за понатамошните генерации… Со тоа што ги имаме пречекано децата кои бегаат од Украина, ние во Северна Македонија им обезбедуваме можности за учење. Успешната интеграција во училиштата може да им помогне на децата да ги надминат своите трауматски искуства и да се чувствуваат достоинствени, почитувани и прифатени“, истакна Ѓоргиевска.
Меѓу гостите говорнички од Балканот беше и Тамара Вучиќ, првата дама на Србија. Таа во своето обраќање даде силна и недвосмислена поддршка на Украина.
Самитот беше посветен на надминување на најболниот предизвик во 2022 година – војната на Русија против Украина.