Саудиските жени сега имаат право да отвораат сопствени бизниси, без да бараат согласност од старателот од машки пол, соопшти владата, која се надева дека на тој начин ќе го стимулира приватниот сектор.
„Сега жените можат да основаат сопствени бизниси и да ги користат интернет услугите (на владата), без да е потребно да докажуваат дека имаат согласност од свој старател”, објавено е на сајтот на Министерството на трговијата и инвестициите.
Досега Саудијките требаше да достават доказ дека имаат дозвола од свој старател од машки пол (најчесто сопруг, татко или брат), за да можат започнат со административната процедура.
Од минатата година, влијателниот 32-годишен саудиски престолонаследник Мохамед бин Салман спроведе серија реформи за стимулирање на учеството на жените во јавниот живот. Целта е до 2030 година процентот на вработени жени во Саудиска Арабија да порасне од сегашните 22 на повеќе од 30 проценти.
На 12 февруари обвинителството во Ријад соопшти дека има намера, по првпат во својата историја да назначи жени.
Саудиската пасошка служба неодамна соопшти дека 107 000 жени се пријавиле за 140 слободни работни места на аеродромите и граничните премини.
Минатата година кралството најави дека од јуни 2018 година жените ќе имаат право да возат, а од јануари саудиските жени веќе можат да посетуваат стадионите.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.