На вчерашната изложба во „Дорќол плац“ во Белград беа доделени наградите за „Фотографија на годината“ на српската новинска агенција „Бета“.
Првата награда ја доби македонскиот фоторепортер Роберт Атанасовски, кој работи на мкд.mk и „Франс Прес“ за фотографијата „Шарена револуција“ од минатогодишните протести во Македонија.
„Бојата се мие, но срамот не може да се измие“, изјавил Атанасовски, како коментар за шаренилото на фасадите на објектите на државните институции и за графитите низ Скопје.
Втората и третата награда ги освоија фоторепортерите Митар Митовиќ за фотографијата „Капење“ и Владимир Живоиновиќ за фотографијата „Димитрие Туцовиќ“.
На изложбата во „Дорќол плац“ се изложени 45 фотографии, од вкупно 300 испратени дела на 76 медиумски професионалци од осум европски земји.
„Фотографија на годината“ на „Бета“ е единствен меѓународен конкурс за медиумски професионални фотографи во Југоисточна Европа, а на досегашните 14 конкурси учествувале 1.273 фоторепортери со 5.590 фотографии.
Роберт Атанасовски беше еден од предавачите на семинарите за граѓанско новинарство, како дел од проектот „Граѓански објектив“ што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува веќе втора година. На учесниците, идните граѓански новинари, Атанасовски им укажа дека да се биде фоторепортер не е секогаш забавна и интересна приказна: „Можеби некогаш сме преемотивни, но работата на фоторепортерите е да ја пренесат вистинската слика, таква како што ја гледаат и ја чувствуваат во моментот“