Конечно во амбулантата во Шуто Оризари ќе работи и гинеколог, со што ќе се реши долгогодишениот проблем и ќе се обезбеди континуирана гинеколошка здравствена заштита за жените од Општината, сопштуваат од Министерството за здравство, по денешната работна средба меѓу министерот за здравство, д-р Арбен Таравари и министерот без ресор, Самка Ибраимовски.
„Зборот е збор! Ние ветивме дека ќе го решиме проблемот со немањето на гинеколог во Општина Шуто Оризари и тоа го остваривме. Тоа што претходната власт 10 години не можеше да го реши, ние го решивме за неколку недели! И веќе од следната недела, жените од таа општина ќе може да одат на гинеколошки прегледи. Ние претходно остваривме неколку средби со Министерството за здравство за да изнајдеме решение“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, министерот без ресор, Самка Ибраимовски.
Во амбулантата ќе работи д-р Вјолца Мбиара, специјалист-гинеколог со долгогодишно работно искуство, меѓу другото, и во американска болница во Албанија.
Во изминативе години, ЦИВИЛ – Центар за слобода, преку текстови и колумни апелираше до надлежните институции да го решат проблемот со немање гинеколог за големиот број пациентки, околу 10.000 девојки и жени во Општина Шуто Оризари.
Дехран Муратов