Законот за минимална плата, Законот за стечајци и укинувањето на радиодифузната такса ќе се најдат на дневниот ред на собраниските седници по поднесувањето на парламентарното мнозинство.
Како што стои во соопштението на СДСМ, овие предлог закони ќе придонесат за намалување на социјалните разлики, исправање на долгоогдишната неправда на стечајнит работници и пред сè повеќе пари за граѓаните.
Минимална плата од 12.000 денари, доколку се усвои законот, ќе добиваат сите вработени во сите сотопански гранки, односно законот ќе се однесува и за вработените во кожарската, текстилната и чевларската индустрија.
„Со Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, материјално ќе се обезбедат над 3.500 лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок во периодот од 1995 година заклучно до 30.јуни 2017 година. Сите тие кои ги исполнуваат критериумите ќе добиваат месечен надомест од 7596 денари“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, овие закони носат придобивки за сите граѓани и апелираат парламентарните партии при изгласување на измените во законите да покажат одговорност.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да се надмине себеси и да се откаже од блокадите и опструкциите на Собранието, сè со цел мерките што носат добро за сите да бидат што побрзо донесени. Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство продолжуваат да работат во интерес на граѓаните“, стои во денешното соопштение на СДСМ.