ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја манипулира јавноста со дезинформации и невистини, во врска со наводно склучени договори на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за закуп на земјиште. Наместо опозицијата да се занимава со блокирање на помошта за земјоделците, детално да го провери изворот и владиноста на она што ги презентира како наводна афера“ реагираат од владејачката СДСМ на денешната прес-конференција на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението е нагласено дека станува збор за фалсификувани договори кои не се изготвени од страна на надлежниот сектор согласно пропишаните критериуми.
-Имено, договорите со кои мафта Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ очигледно се фалсификат. Не се изготвени од страна на надлежниот сектор, не се согласно пропишаните критериуми за подготовка на договори за закуп на земјоделско земјиште и иститите се со архивски броеви кои се фиктивни и не постојат во архивата на министерството, а кај истите е евидентно дека не се потпишани лично од страна на министерот, ниту пак е употребен факсимил за нивно потпишување.
Уште во октомври 2021 година поднесена е кривична пријава до ОЈО Скопје против непознат сторител и одговорни лица во МЗШВ за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување – фалсификување на службена исправа.
Службите на министерството будно ги следат сите неправилности во врска со појавувањето на лажни договори за закуп и навремено се известуваат надлежните органи заради понатамошно истражување и поведување на соодветни постапки.
ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини за изнесените лаги и невистини до министерот Љупчо Николовски, до земјоделците и до целата јавност.“ стои во соопштението на СДСМ.
На денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека имаат сериозни индиции дека Љупчо Николовски ја злоупотребил својата позиција и како министер за земјоделство шумарство и водостопанство, на нелегален начин давал под закуп огромни земјишни парцели, претставени како земјоделско земјиште, а всушност се работи за градежно земјиште во Скопје.
Тој го објави вториот договор, кој се темели на истиот шаблон кој го презентираше вчера.