Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ, на прес конференција, денеска ги повика сите пратенички групи во Собранието на РСМ да го изгласаат ребалансот на Буџетот за 2019 година кој, според владејачката партија, обезбедува нови придобивки за граѓаните.
„Со ребалансот обезбедуваме 400 милиони денари за поддршка на раст на платите. Ќе се субвенционираат придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги покачат платите на своите вработени до 6.000 денари односно до 100 евра. Обезбедени се и 200 милиони денари за поддршка на активните политики и мерки за вработување, каде посебен фокус ставаме на младите. Оваа мерка од една страна ја сузбива сивата економија и давањето плата во плико, а од друга страна овозможува зголемен прилив на средства во пензискиот фонд“ – изјави Митрески.
Според СДСМ, просечната плата порасна за 3,5 отсто. Се бележи раст на БДП од над 3 отсто во првите два квартали од годинава. „Стапката на невработеност е на историски најниски 17,5 отсто“, соопшти Митрески.
„Ги повикуваме сите пратеници од сите пратенички групи, да дадат поддршка за ребалансот на Буџетот за 2019 година. Ребалансот ќе го стимулира растот на платите, ќе обезбеди можности за отворање нови и подобро платени работни места и позитивно ќе влијае на економнскиот раст“, ги повика Митрески пратеничките групи во Собранието.
„Според Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2019 година евидентирани се 789.414 вработени лица, додека во првиот квартал на 2017 година вкупно вработени биле 739.892 лица. Тоа не се ново-иселени лица, туку ново-вработени граѓани, тука, во нашата земја“, напиша неодамна премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.