Од денеска започна јавниот увид на Избирачкиот список за локалните избори и ќе трае до 9 септември. Државната изборна комисија (ДИК) ја стави на увид новата состојба на податоци во Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.
Своите податоци во Избирачкиот список граѓаните можат да ги проверат преку веб-страната на ДИК – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/, или во нивните канцеларии и подрачни единици.
Граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата до 9 септември и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
Од започнувањето со собирањето потписи за независни листи до вчера собрани се потписи за четири независни кандидатски листи, за Општина Центар, со носителот Јана Белчева – Андреевска, за општина Кавадарци со Петар Камчевски, општина Росоман со Ристо Сакалиев и за општина Кочани со носителот Аки Акиев. Собирањето потписи продолжува за уште неколку кандидати за градоначалници и советнички листи, а рокот истекува на 30 август во 24 часот.
Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.
На 25 август се очекува да пристигнат првите 250 апарати за вчитување на отисоци од прсти и системот што ќе се употребуваат првпат на овие локални избори во Северна Македонија.
Во меѓувреме, партиите започнаа сообјавување на кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи.
Владејачката СДСМ и коалицијата најавија дека најдоцна до 24 август ќе објават дел од кандидатите за градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ со објавените 19 кандидати за градоначалници, досега вкупно објави 44 кандидати за градоначалници.
Покрај владејачката коалиција , за локалните избори соработка најавија и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, додека ЛДП и ДОМ за прв кандидат за градоначалник го најавија бизнисменот Виктор Петков.
Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.
Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.
Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одрже 30 октомври.