Поранешниот претседател на САД и фаворит за републикански кандидат за претседателските избори во 2024 година, ќе се појави денеска пред судот во Њујорк каде што ќе биде запознат со обвинението. Процедурата би требало да биде брза и рутинска, при што ќе му бидат земени отпечатоци од прсти, ќе се фотографира за архивска евиденција и ќе се изјасни дали е виновен, што за САД претставува историски момент, објави Си Ен Ен.
Трамп беше обвинет минатата недела, станувајќи првиот актуелен или поранешен претседател кој се соочува со пбвинение за кривично дело, поради случајот со поткуп на порно ѕвездата Сторми Даниелс во 2016 година во замена за нејзино молчење околу врската со Трамп.
Трамп тврди дека е невин и ќе се изјасни за невин на суд.
Трамп треба да пристигне во судницата во центарот на Менхетен во попладневните часови според источноамериканско време. Неговото апсење ќе биде процесуирано од окружното обвинителство и ќе биде изведен пред суд, каде ќе му бидат прочитани обвиненијата против него.
Поддржувачи и противници на Трамп се собираат пред судот, а полицијата ги раздвојува. Има многу полиција, но и новинари, фоторепортери и сниматели.
Трамп денеска првпат се огласи на својата социјална мрежа Truth Social. Во објавата тој повторно го нападна судијата и побара денешното рочиште да се премести на друга локација. Поточно, тој бара рочиштето од Менхетен да се префрли на Стејтен Ајленд.
Целата објава на Трамп е напишана со големи букви. Во неа, поранешниот американски претседател го опишува судијата Хуан Мерчан како човек кој е „познат мразител на Трамп, како и неговото семејство“.
Тој вели дека судот на Менхетен се наоѓа на територијата на демократите, што тој го смета за нефер.
Г. Т.