Денеска претпладне, почна уривањето на нелегално изградениот ѕид кај авто-кампот во Градиште, објави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на својот Фејсбук профил. Уривањето дојде само еден ден откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од дивоградбата, а градоначалникот Константин Георгиески кажа дека инспекторите издале налог за рушење уште пред два месеца.
„Започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид во авто-кампот Градиште. Градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина утрово извршија увид, по што беше констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Согласно тоа, денеска започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид“, објави на својата фејсбук страница градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Од локалната самоуправа, претходно соопштија дека инспекциските служби на Општина Охрид на 24 март годинава извршиле увид и составиле записник. Согласно законските процедури, донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а ако тоа не го направи во предвидениот рок, Општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот.