Протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата, конечно е потпишан. И по успехот со Преспанскиот договор, власта на чело со СДСМ има причина плус за славење.
„Од земја во долгогодишна изолација и неизвесност, Македонија денес е на иста маса, рамо до рамо со државите од демократскиот свет. Потпишувањето на Протоколот е потврда за успешната меѓународна политика, признание за вложениот труд во реформите, визионерството во решавањето на отворените прашања со соседите и градењето пријателски однос со демократскиот свет“, велат од СДСМ.
И се разбира, овој успех е и успех на сите граѓани и пораз на сите диструкции и обиди да се блокираат процесите што земјата ќе ја водат напред, во посветла иднина, заклучува СДСМ.
Но, од другата страна, деструктивните елементи на македонското општество, именувани како ВМРО-ДПМНЕ, велат дека овој успех не би бил ако тие не го трасирале патот уште во далечната 2008 година на самитот во Букурешт. Да не се противела Грција, тоа би бил нивен успех.
Или, како што изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, мора да им се даде признание за заслугите и стратешките планови во долгогодишното владеење, затоа што тие вложиле многу во армијата и нејзините капацитети, а тоа не смее да го негира никој. Се разбира, неговата изјава беше поткрепена со сенката на името, преку кое, како народ, сме биле уценети од грчка страна, и како оштетена странка сега немаме јазик, традиција, идентитет…
Поради тоа, Арсовски уште еднаш повика Владата и Зоран Заев да излезат на предвремени парламентарни избори. Влезот во НАТО е за поздрав, ама како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, време е да дојде Влада (т.е. тие) за реално да се решаваат проблемите на граѓаните.
„Историјата е испишана“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна на ЦИВИЛ Медиа, а за почесниот, пребеган член на ВМРО -ДПМНЕ, што слободно може да се примени и во вмровската реторика, само накратко ќе рече: „Гатала бабата да нема мраз, а изутрина снег до колена“.
Повелбата на НАТО вели дека земјите-потписнички ќе се обидат да промовираат стабилност и благосостојба во северноатлантската област и ќе ги обединат своите напори за колективна одбрана и за зачувување на мирот и безбедноста.
Б. Јордановска