Собранието на Република Северна Македонија ја продолжи конститутивната седница сo претрес за предлогот за претседател на законодавниот дом повторно да биде избран Талат Џафери. Со 62 потписи на пратениците од СДСМ и Коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, Џафери е предложен за уште еден четиригодишен мандат за претседател на Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица во дебатата се изјаснија дека ќе гласаат против предлогот, а пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива најавија дека нема да присуствуваат на гласањето.
Пратениците во моментов се на едночасовна пауза, а седницата ќе продолжи во 16 часот.
Бројот на потписите собрани за предлогот на Џафери укажува дека во Собранието има мнозинство по договорот на лидерите на СДСМ и ДУИ за формирање на владина коалиција. Претседателот на Собранието се избира со 61 глас „за“.
Предлогот за претседател на Собранието го образложи пратеникот Изет Меџити од ДУИ, кој кажа дека во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, согласно законите и Уставот. Тој, според Меџити, успешно ги менаџирал сите процеси од надлежност на Собранието.