од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
„Ако опозицијата се обиде да го минира законот за Јавното обвинителство, собранието нема да се распушти“, изјави вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
А, не. Сега не. Веќе е доцна за откажување. Посебно и затоа што кога и европски настроената јавност интензивно и аргументирано реагираше дека предвремени во април се само загубено и ненадоместливо реформско време, тогаш уво не ги заболе ниту власта, ниту позицијата.
Преспанскиот и новиот устав земјава ја внесоа во Алијансата и ја спуштија на самиот праг на Унијата. Избори предвремени воопшто не ѝ требаа зашто Македонија имаше други приоритети наместо на избори да го губи драгоценото време. Меѓу нив, еве, и законот за обвинителството. Да беа изборите редовни, годинава во октомври, ноември и за него и за уште по некоја реформа, белким ќе имаше доволно месеци и денови. Вака, со решеното НАТО и на самиот праг на преговорите со Европски Брисел, договорот на партиите за предвремени парламентарни беше само непотребен луксуз.
Јасно е дека изборите во април никому не му одговараат. Иако лицемерно ги договорија, ниту една партија не е подготвена за нив. Малку разнишан од коруптивните афери, од непотизмите, рекетите и клиентелизмите, малку исплашена за рејтингот, СДСМ подлегна на блефовите на опозицијата и се фати на изборната мамка. ВМРО-ДПМНЕ пак, сонува за тоа изборите да се откажат. Партијата по децениското криминално, тоталитарно, непотистичко режимување и сѐ уште нереформирана, кадровски необновена и уште под милон криминогени хипотеки, исто така, и многу повеќе, не е подготвена за пролетното изборно одмерување па излегува дека изјавата на Заев е само ветер во грбот на Мицкоски.
Секако дека на избори ќе се оди. И не само тоа. Туку македонската демократска јавност ќе мора и да победи. Ќе мора изборно да ги столчи сите антимакедонски сили олицетворени во сите анти-интеграциски пропагатори. И сите сејачи на магла кои манипулираат со идентитетот и сите кои практично заговараат враќање на ФИРОМ. И сите антиреформски кочничари на македонскиот напредок. Сите нив. Изборната кампања во тоа мора да ги убеди најголемиот број граѓани.
Но и покрај тоа што е точно дека Законот за јавно обвинителство е од исклучително значење и што изјавата на Заев е само притисок врз Мицкоски да се дојде до решение за и земјава и овој собраниски состав да се закитат со еден од почетните реформски правосудни акти, не држат пропагандните флоскули како оваа со најавата за одлагање на изборите. Недонесувањето на овој закон е преслаб аргумент за тоа.
Оттука, било што, што би упатувало во насока на пролонгирање на договорениот изборен дванаесетти април, е веќе предоцна. Создавање состојба тргни, застани и подгревање амбиент на ниту ваму, ниту таму, е нереално.
Затоа, сега ајт сите на избори.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.