Според последната статистика, минатата недела се регистрирани 11.916 нови случаи на Ковид-19 од вкупно 38.518 земени примероци или секој трет тестиран бил позитивен на вирусот. Во Скопје и понатаму има најголем број заразени. Минатата недела во Кавадарци имаше највисока, а во Дебар најниска стапка на зараза, пренесува Макфакс.
За една недела се пријавени 148 смртни случаи, што е 38,3 отсто повеќе во однос на минатата недела. Повеќето од починатите се од Скопје и многумина од нив се на возраст над 60 години, се наведува во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Од почетокот на пандемијата, во Македонија починале 8.409 лица како последица на вирусот, а над 80 проценти од нив имале и други здравствени проблеми, како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес, белодробни, невромускулни, бубрежни заболувања и карцином. Починале и 13 лица што вторпат се заразиле од коронарирус. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 6.494 реинфекции, а 17 лица се заразиле третпат.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 268.901, бројот на оздравени пациенти е 246.864, а бројот на активни случаи изнесува 13.628.