Секоја пропагандна тактика има свое огледало во воената, напиша Џабир Дерала во својот едиторијал под наслов „Снајперисти со врзани очи“. Тој е во контекст на жестоките кампањи за дискредитација на одредени медиуми, организации и интелектуалци кои ги водат одредени политички центри на моќта во земјава, се разбира, во координација со Кремљ и нивните прокси играчи во регионот.
„Секоја пропагандна тактика има свое огледало во воената. Оваа тактика во антизападните пропагандни гласила кај нас, ме потсетува на сториите за тоа како дејствувале српските снајперисти при опсадата на Сараево (1992-1996)“, пишува Дерала, споредувајќи ја пропагандната тактитка со онаа на снајперистите за време на опсадата на Сараево во 90-те години од минатиот век.
Дерала накратко ја опишува тактиката на снајперистите кои одземале голем број животи за време на сараевската опсада.
„По долгото демнење, тие одбирале момент кога некој од цивилите ќе се најде на бришан простор. Го погодуваат со својот куршум, но не фатално, туку само да го онеспособат да се движи. Тогаш, кога ќе му пријдат луѓето да му помогнат, тие „на тацна“ добиваат нови мети. На тој начин, паднале жртви многу луѓе, меѓу кои и голем број жени и деца. За жал, мојата сараевска сторија не е единствената во светот“, опишува Дерала.
Но, според Дерала, оваа „снајпер“ тактитка има една голема слабост.
„Во суштина, тактиката на медиумите кои ја користат оваа валкана ‘снајпер’ тактика, има една голема слабост и не функционира, за разлика од крвавите и трагични исходи од дејствувањето на вистинските снајперисти во војна. Тоа е затоа што се целосно неубедливи“, тврди Дерала.
Според авторот, овие интернет „снајперисти“ пукаат со врзани очи, особено затоа што нивното „пукање“ не го дава посакуваниот ефект.
„Со други зборови, овие интернет „снајперисти“ изгледа пукаат со врзани очи, па ако погодат, добро, ако не, продолжуваат со пукање на слепо“, пишува Дерала.
Едиторијалот е објавен во ЦИВИЛ МЕДИА на 25 декември, 2023 година.
Д. Т.