ЦИВИЛ Медиа разговараше со извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, за тоа колку медиумите си ја задржаа професионалноста во известувањето за изборниот процес, прекршувањето на изборниот молк и постапките кои ќе ги преземат кон оние кои го направиле истото.
Секуловски вели дека во овој изборен циклус новинарите и медиумските работници биле на својата задача и дека немале примено поплаки за начинот на кој известуваат професионалните редакции, но дека тоа не значи дека немало пропусти.
„Тоа што беше пријавено кај нас, за кое и реагиравме јавно со СЕММ беше за прекршување на изборниот молк од страна на група на онлајн медиуми, кој на некој начин ставија во една нефер позиција една политичка партија на сметка на другите. Од страна на новинарите беа неколку пати укажани настани каде мерките за превенција од КОВИД – 19 не биле почитувани од страна на организаторите и присутните. Во такви ситуации ние реагиравме брзо со јавување и контактирање на самите организатори, каде во неколку наврати имавме и позитивно разбирање, и на лице место беа направени одредени корекции. Но во основа морам да кажам дека генерално, тоа што мене ме прави среќен на крајот на денот, кога веќе завршија овие избори, е што немавме насилство кон новинари, барем не како што се сеќаваме дека имало во некои други години, немаше ситуации каде што новинарите беа физички нападнати. Да, имаше некои помали инциденти во делот на јавното комуницирање од страна на одредени политичари кон медиумски работници, но, на крајот на денот новинарите и медиумските работници генерално беа безбедни во овој изборен циклус“, додава Секуловски.
ЗНМ и СЕММ на 14 јули искочија со соопштение каде ги осудија случаите на грубо прекршување на изборниот молк од страна на повеќе онлајн медиумим, што според нив претставува сериозно компромитирање на изборниот процес.
„Имаме интерна дискусија во рамките на ЗНМ, се координираме со СЕММ, познато ви е дека во 2019 година ние го формиравме и промовиравме регистарот на професионални онлајн медиуми, каде моментално над 100тина медиуми се членки на овој регистар, каде треба да исполнуваат одредени услови како да имаат импресум, сопственичка структура, контакт, да го почитуваат етичкиот кодекс и поради ова искуство со дел на оние медиуми кои го прекршуваа очигледно изборниот молк туку ширеа и на некој начин невистини, ја злоупотребуваа својата улога како медиуми. Разговараме интерно да го ревидираме овој регистар и доколку се уочи дека дел од тие членки навистина биле дел од таа група на медиуми кои придонеле кон овој лош впечаток , би направиле одредени корекции околу членството“, вели Секуловски.
Во однос на тоа дека и за време на овој изборен циклус имаше одредени новинари кои на своите профили на социјалните мрежи агитираа за одредена политичка структура, Секуловски вели дека со таквите постапки најчесто новинарите си прават штета на својот кредибилитет и дека тоа би се одразило негативно на нивната кариера.
„Не можам да кажам дека немало такви ситуации, имало и во минатите години, најчесто тоа било случај кога новинарите преку своите социјални профили на Фејсбук или Твитер имале елементи во своето изразување да ги насочуваат гласачите или публиката кон кој да гласаат или да фаворизираат одредена партија. Во однос на овие постапки ние не би реагирале, меѓутоа јавноста ги препознава овие новинари и на еден начин сметам дека си прават штета на својот кредибилитет и дека во иднина тоа би се одразило негативно на нивната професија и кариера“, вели Секуловски.
Оваа година се одржаа најспецифичните предвремени парламентарни избори, имајќи ја предвид ситуацијата со КОВИД-19, каде новинарите и медиумските работници беа секојдневно на терен.
Секуловски вели дека со ЗНМ имале барања од новинарите и медиумските работници да инсистираат кон политичките партии, ДИК и кон граѓанските организации кои се бават со мониторинг на изборниот процес и кампања, јавните настани да бидат запазени мерките за заштита од КОВИД-19.
„Имавме барања од група на сниматели, ние имаме секција на сниматели каде членуваат околу 50 индивидуи од повеќе медиуми. Тие исто така барања се совпаднаа со барања на новинари од разни медиуми, односно да инсистираме кон политичките партии, кон ДИК и кон оние граѓански организации кои се бават со мониторинг на изборниот процес и изборната кампања, јавните настани кои ги организираат за медиумите пред се да бидат организирани на јавен простор и во услови кога нема можност да се одржуваат на јавен простор да бидат организирани во големи простории, каде ќе се запазува физичката дистанца и ќе се почитуваат препораките да нема непотребен контакт повеќе снимателите, новинарите и присутните лица на овие настани, со цел да нашите колеги бидат побезбедни во контекст на пандемијата која се случува“, додава Секуловски.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Биљана Јордановска