Повеќе портали објавија информации за наводно бегство на семејството на експретседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, со авион кој долетал од Македонија.
На пример, во написoт на МКД.мк, РИА новости: Еден од авионите со кои наводно избегало семејството Назарбаев од Казахстан долетал од Македонија, се тврди: „Семејството на Нурсултан Назарбаев, поранешниот претседател на Казахстан, избегало со два авиона, од кои едниот долетал од Македонија, а другиот од Обединетите Арапски Емирати, јави руската агенција РИА Новости. Агенцијата не добила потврда на информацијата дека авионите, кои наводно биле во сопственост на Назарбаев, слетале на аеродромот во Бишкек, главниот град на Киргистан.“
На 07.01.2022 година, Вечер објави напис „Семејството Назарбаев со два авиони избегало од Казахстан, еден долетал од Македонија?“: „Иако аеродромот во главниот град на Киргистан, Бишкек, нема информации за слетувањето на леталото на семејството на првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, како што пренесува РИА Новости, претходно, голем број медиуми објавија дека на меѓународниот аеродром Манас слетале два приватни авиони, кои наводно му припаѓаат на семејството Назарбаев.“
Но, овие дезинформации беа демантирани за „Слободен печат“ и од Агенцијата за цивилно воздухопловство, и од МВР.
Освен тоа, во написот, НЕ Е ТОЧНО ДЕКА АВИОН НА ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КАЗАХСТАН НАЗАРБАЕВ СЛЕТАЛ ОД МАКЕДОНИЈА ВО КИРГИСТАН, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ЦИВИЛНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО на порталот СДК.мк, се објаснува дека „авионот нема никаква врска со Казахстан, експретседателот Назарбаев и евентуалното негово пребегнување.“„Според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во МВР, станува збор за киргистанска делегација со ВИП личности што била во посета на македонска мултинационална компанија, којашто дошла со редовна линија на „Туркиш ерлајнс“. Меѓутоа, еден од членовите на делегацијата морал итно да се врати дома и затоа од Киргистан му обезбедиле лет со приватен авион што го изнајмиле во Турција. Другите членови на делегацијата останале.“, пишува порталот СДК.
Ова е уште еден пример дека одредени медиуми треба да научат да прават разлика помеѓу проверени и непроверени информации, а и помеѓу Киргистан и Казахстан, за да не останат со „кратки нозе“.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски